Македонската политичка реалност е крајно партизирана, а изборниот законик поставува крајно нефер и дискриминирачки услови за независните кандидати, кои се соочуваат со огромни логистички и финансиски бариери во обидот да ги претстават своите визии за градот. Ова го истакна професорот од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, во продолжението од своето гостување во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“, во кое се осврна на неговото искуство како независен кандидат за градоначалник.
Иако освоил 1.662 гласа, професорот вели дека е лично задоволен бидејќи ја исполнил својата цел да го „скрши мразот“ и да понуди поинаков, чисто професионален концепт за развојот на Скопје.
„Ако одбиев, ликот во огледалото ќе ми стоеше до крајот на животот“
Зборувајќи за мотивите да влезе во изборната трка, Марковски открива дека првично немал намера ниту размислувал за политички ангажман, но предлогот дошол како понуда од групата граѓани „Независни за Центар“ (Шанса за Центар).
„Размислував и сфатив дека ако не го прифатам предизвикот, ќе се чувствувам себеси како кукавица. Тој лик во огледалото ќе ми стоеше до крајот на животот. Решив да излезам на мегдан, се разбира без големи очекувања дека во нашево општество се можни чуда, особено не на избори. Како човек со големо животно и работно искуство, јасно ми беше какви се правилата на игра, но влегов во натпреварот со цел никого да не повредам и да покажам како јас замислувам дека Скопје треба да се движи и како треба да делува еден градоначалник“, вели Марковски.
Државата дава 700 евра за независните, а милиони за големите партии
Професорот јавно проговори за системската нееднаквост при финансирањето на политичките кампањи, каде што независните ентузијасти се целосно маргинализирани и невидливи за јавноста.
„Финансирањето на изборната трка е крајно ограничено. Јас од државата добив 700 евра (околу 42.000 денари) за мојата кампања, а големите партии добиваат по неколку милиони евра. Со тие средства можеше да се плати само неколку дена реклама на радио во траење од неколку секунди. Понатаму, независните кандидати немаат право на билборд – дури и да сакавме самите да платиме, иако цените се безобразно високи во тој период, со закон немавме право на тоа. Дополнително, немавме право ни да доплатиме одредени средства за сопствената логистика“, обвинува тој.
Медиумски мрак и игнорирање на дебатите
Покрај финансиската и логистичката блокада, Марковски посочува дека во едно демократско општество е недозволиво независните кандидати да бидат оневозможени да ги соопштат своите ставови пред пошироката јавност.
„Сериозна дебата на ниту една државна телевизија немаше. Јас не се појавив на скоро ниту една национална телевизија под образложење дека сме биле ‘многу кандидати’ и дека немале технички можности. Во едно демократско општество тоа не може да биде оправдување – оние што претендираат на градоначалничко место мора да имаат простор да ги кажат своите ставови пред јавноста“, дециден е професорот.
Сепак, Марковски останува убеден дека концептот за кој се залагал е единствениот правилен пат за градот. Тој додава дека е свесен оти на сегашното раководство на Скопје воопшто не му е лесно да ги менаџира работите, особено по долгогодишната празнина во развојот на градот, но се надева дека неговиот пример ќе им го олесни патот на некои идни независни кандидати кои сакаат да остават трајни вредности зад себе.