Шеесет и шестгодишен жител на Кочанско останал без 18.000 евра откако неколку лица го убедиле дека во неговиот дом има „црна магија“, соопшти полицијата.
Случајот бил пријавен на 24 септември во 23 часот во ОВР Кочани. Според пријавеното, лицата дошле во домот на 66-годишникот и со лажни тврдења го довеле во заблуда дека во куќата има „црна магија“.
Тие му кажале дека за да ја отстранат магијата треба да им ги даде сите пари што ги поседува. Откако им ги предал 18.000 евра, лицата го напуштиле домот.
Подоцна, мажот сфатил дека бил измамен и случајот го пријавил во полицијата.
Од СВР Штип информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.