Надворешната канцеларија за криминалистички работи од Струга поднесе кривична пријава против 45-годишниот Б.Д. од селото Ливада, под сомнение за сторени кривични дела „предизвикување општа опасност“ и „убивање и мачење животни“.
Според информациите од МВР, инцидентот се случил на 27 март годинава на локалниот пат меѓу селата Ливада и Биџево, кога пријавениот, заедно со уште едно лице, се движел со патничко возило и шетале куче од расата „кангал“.
Животното било врзано со ремен и гледало преку прозорецот на автомобилот во движење.
Кулминацијата на настанот се случила кога пристигнале во близина на куќата на лицето Љ.Д. во селото Биџево. Таму Б.Д. го пуштил своето куче, кое веднаш го нападнало и го усмртило помалото куче на соседот од расата „миник“. По документирањето на случајот, полицијата ги презеде сите законски мерки за соодветно санкционирање на сторителот.
