Едно од нашите предизборни ветувања беше дека ќе ги преземеме сите
неопходни чекори за третирање на една од нај негативните општествени
појави – коцкањето. ВЛЕН има ПЛАН за справување со штетните
последици од коцкањето и истиот почна да се спроведува. Онака како што
ветивме. Првиот чекор од овој план е тргнувањето на коцката од
домовите, порача денес на прес-конференцијата првиот вицепремиер, Изет Меџити.
„Благодарение на погрешните, неодговорни и коруптивни одлуки на министрите на ДУИ, преку отворање на три нови компании за организирање на интернет игри на среќа, коцкањето преку мобилните уреди и компјутерите влезе во домовите и младината стана уште полесна цел на крајно девијантни појави.
Затоа, поднесовме Барање за автентично толкување на член 7 од Законот за игри на среќа и за забавните игри за да добиеме прецизно толкување дали одлуката на претходната Влада и раководството на Државна лотарија за интернет коцкање има законски основ. Автентичното толкување е изгласано од мнозинството пратеници и со него се предвидува дека интернет игри на среќа може да се организираат само врз основа на важечка лиценца.
Земајќи предвид дека сите компании кои во времето на Артан Груби и Прпарим Бајрами учествуваа на јавен повик и беа избрани да организираат интернет коцкање немаат лиценци, тоа значи веднаш и без одлагање ја тргнуваме коцката како општествено зло од домовите на нашите граѓани.
Следната точка од планот за справување со штетните последици од коцкањето е покренување соодветни правосудни постапки за докажување на злоупотреби на службена положба и овластувања на сите надлежни кои учествувале во донесување на незаконити одлуки поврзани со организирање различни видови игри на среќа.
Конечно, веќе работиме и во разумен рок Владата ќе му предложи на Собранието нов закон за игри на среќа и забавни игри, кои ќе содржи низа одредби со кои сме сигурни дека бројот на постоечки објекти за коцкање ќе се намали минимум за
половина“, вели првиот вицепремиер, Изет Меџити.