Медицинските сестри од Тетово решија да го стават својот протест во мирување, разочарани од слаба поддршка од јавноста и институциите. Тие најавуваат дека ќе почекаат назначување на нов министер за здравство, со надеж дека конечно ќе се најде решение за нивните долгогодишни проблеми.
„Нашите протести беа тивки и со многу жртви. Не се работи за конкретен директор – оваа состојба се повторува со години при секоја промена на раководството,“ изјави главната медицинска сестра Лидија Коруновски. Таа додаде дека и покрај посветеноста, особено за време на пандемијата, не добиле признание или подобри услови.
Коруновски истакна дека решението не е во тишината, туку во институционалниот дијалог: „Одлучивме да се повлечеме достоинствено, но нема да престанеме да ги бараме нашите права. Ќе продолжиме да чекаме одговор од болницата, Министерството за здравство и Министерството за финансии.“
Иако протестот е во мирување, сестрите нагласуваат дека нивната борба за вработувања и достоинствени услови не е завршена.