Македонија

Меѓувладина седница помеѓу Владите на Македонија и Косово

Меѓувладина седница помеѓу Владите на Македонија и Косово

Денеска во Приштина ќе се одржи меѓувладина седница помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово.

Во 10:30 часот се очекува пристигнување на делегациите од Косово и Северна Македонија, по што ќе следува официјален пречек на македонскиот премиер Христијан Мицкоски од страна на косовскиот премиер Албин Курти.

Потоа предвидени се тет-а-тет средба помеѓу премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти, како и одделни тет-а-тет состаноци помеѓу министрите од двете влади, по што следува меѓувладината седница, по чие завршување ќе се потпишат три важни документи за соработка во различни области:

Меморандум за соработка во енергетиката, рударството и минералните суровини – Овој меморандум предвидува заеднички иницијативи за соработка во секторите на енергетиката, гасот, јагленот и електричната енергија, како и инфраструктурни проекти за интерконекција на гас и други иницијативи, вклучувајќи и истражување на можноста за развој на нова директна гасна врска помеѓу Косово и Северна Македонија.

Протокол за заеднички гранични премини – Овој протокол ги регулира процедурите за царински контроли и проверка на границите, како и инфраструктурата на заедничките гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце – Глобочица“. Тоа вклучува меѓусебно поврзување на системите за гранично управување и одржување на објектите на граничните премини.

Меморандум за соработка во образованието – Меморандумот ќе се потпише помеѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово, со цел унапредување на стручното образование и обуката, како и размена на искуства и информации меѓу двете држави.

По завршувањето на седницата, во 13:45 часот, ќе се одржи заедничка прес-конференција на премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни