Основниот кривичен суд во Скопје го усвои барањето на Јавното обвинителство за изрекување мерки на претпазливост против поранешниот директор на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски. Судот наложи одземање на патната исправа и редовно јавување во судот.
Јавното обвинителство претходно објави дека покренало постапка против Деспотовски за злоупотреба на службената положба, а надлежниот обвинител предложил овие мерки како дел од истрагата. Во соопштението од Основното јавно обвинителство се наведува дека истрагата е во тек, со вклученост на Управата за финансиска полиција.
„Против осомничениот се води претходна постапка за злоупотреба на службената положба, според член 353 од Кривичниот законик. Судот ги прифати предложените мерки на претпазливост, а активностите на Обвинителството и Финансиската полиција продолжуваат. Јавноста ќе биде дополнително информирана“, се вели во соопштението.
Неофицијални информации укажуваат на случај што вклучува финансиска штета од околу два милиона евра. Се работи за приватна компанија која изведувала работи во зоните на ТИРЗ во Штип и Струмица.
Финансиската полиција го води случајот, а според неофицијални извори, се разгледува можноста за итно замрзнување на имотот на компанијата „Зобек Мининг Груп“.