Македонија

Милијарди денари нерегистрирани: Државен ревизор со остри забелешки за здравството

Министерството за здравство доби неповолно ревизорско мислење за финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива, покажува конечниот извештај на Државниот завод за ревизија.

Според извештајот, ревизорите утврдиле сериозни пропусти во сметководственото евидентирање и управување со буџетските средства. Меѓу најкритичните забелешки се:

Нецелосен попис на средства и обврски, при што не е утврдена точната состојба на нематеријалните и материјалните средства, залихите на лекови и вакцини, како и побарувањата и долговите.

Вредноста на материјалните средства во подготовка (2,5 милијарди денари) и долгорочните обврски (1 милијарда денари) е нерелевантно прикажана поради пропусти во евидентирањето на извршените градежни работи и набавената медицинска опрема.

На позицијата „дадени аванси“ се евидентирани исплати на лекари за едукации во странство без целосна документација за нивно раздолжување.

Недоволен буџет за програмите за здравствена заштита, што резултира со заостанати неплатени обврски од минати години и ја загрозува ликвидноста на јавните здравствени установи.

Проблеми со реализацијата на капитални проекти, вклучително и доцнења и неправилности во јавните набавки.

Ревизорите посочуваат дека Министерството и понатаму не успева да ги спроведе сите претходно дадени препораки. Од 12 препораки од 2019 година, само пет се целосно имплементирани, а една воопшто не е.

За решавање на утврдените состојби, Државниот завод за ревизија достави нови препораки до одговорните лица во Министерството, со цел подобрување на управувањето со јавните средства и зајакнување на внатрешната контрола.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни