Минатата година во Македонија се доселиле вкупно 3.176 лица, од кои 2.654 се странци, а се отселиле 2.377 лица, меѓу кои 2.034 македонски граѓани, покажуваат податоците од Статистичкиот годишник за 2024 година на Државниот завод за статистика.
Миграции со Европа
Најголемиот дел од доселените странци потекнуваат од европски земји – вкупно 2.527 лица, од кои 2.049 се од Турција. Во 2023 година, Македонија имала позитивно миграциско салдо со Европа, при што од европските земји се доселиле 2.953 лица, а се отселиле 2.127 граѓани.
Најголемиот број доселеници доаѓаат од Турција – 2.083, а по неа следуваат Косово – 177, Србија – 121 и Германија – 99. Од друга страна, македонските граѓани најчесто се иселувале во Германија – 749, Турција – 284, Швајцарија – 237, Италија – 136 и Словенија – 124.
Миграции со други континенти
Со Америка, Македонија бележи негативно миграциско салдо. Лани од таму се доселиле 96 лица, а се отселиле 135. Најмногу доселени се од САД – 61, вклучувајќи 22 странци, како и од Канада – 21, Бразил – 10 и Венецуела – 3. Најголемиот број иселени граѓани се во САД – 112 и Канада – 22.
Со Азија, миграциското салдо е позитивно – доселени се 72, а отселени 29 лица. Најмногу доселени има од Индија – 9, Јордан – 7 и Пакистан – 5, додека најголемиот број иселени се во Сирија – 4 и Пакистан – 3.
Од Африка се доселиле 22 лица, најмногу од Египет – 6, Тунис и Нигерија – по три лица. Истовремено, 10 граѓани се отселиле во африкански земји, најмногу во Гамбија – 3.
Во Океанија, миграциите покажуваат дека 77 лица се иселиле, а 32 се доселиле во Македонија, сите од Австралија. Иселениците главно заминале за Австралија – 72, додека петмина заминале за Нов Зеланд.
Извори на податоците
Државниот завод за статистика информира дека податоците во Годишникот се обезбедени од редовни статистички истражувања, анкети и пописи, како и од други институции вклучени во статистичкиот систем на земјата.