Македонија

Министерот за локална самоуправа Фазлиу на работен состанок во Брисел

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска во Брисел говореше на отворањето на објаснувачкиот состанок на чија агенда е поглавјето 22 кое што се однесува на регионалната политика на Европската Унија.

На состанокот со кој претседава директорот на директоратот за проширување и соседска политика, Марк Џорна, министерот Сухејл Фазлиу ја истакана важноста на процесот во кој државните службеници кои што работат на имплементирање на регионалната политика имаат можност директно да споделат информации и знања за поефикасно спроведување на регулативата на Европската Унија.

-Ова е исклучително важно за нас, затоа што со големиот политички исчекор што го направи нашата земја, формално заокружен со уставните измени во Парламентот пред само две недели, како и со формалната потврда за влегување во НАТО што ја очекуваме утре овде во Брисел, станува извесно, дека нашата евроатланска агенда станува и многу подинамична, но и многу посуштинска, рече министерот Фазлиу.

Министерот за локална самоуправа говореше за спроведувањето на регионалната политика на Европската Унија преку ИПА инструментот за територијална соработка, за што е одговорно Министерството за локална самоуправа, како и за создавањето на услови за отворање на нови перспективи за соработка.

-Сега кога се отстранети политичките и техничките пречки, очекуваме и наше формално приклучување на макро-регионалните стратегии на кои географски и економски припаѓаме, Јадранско-Јонската и Дунавската. Она што може веднаш да се направи е да се операционализира министерската одлука од мајскиот состанок во Катанија, за наше формално пристапување како девета членка на Јадранско-Јонскиот макро регион, рече Фазлиу.

За актуелните процеси министерот Фазлиу разговараше и со шефот на мисијата во Брисел, амбасадорката Агнеса Руси.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни