Министерството за култура објави резултати за финансирање од прифатените проекти од национален интерес во културата за 2023 година.
Меѓу проектите во областа на музиката и музичко-сценската дејност одобрен е и „50 години јубилеј- Цветанка Ласкова“ односно концерт на фолк пејачката Цветанка Ласкова, која иако со години не е присутна на естрадата, сепак во минатото беше актуелна на фолк сцената.
Станува збор за сума од 300.000 денари или околу пет илјади евра.
Инаку, Ласкова влезе во политиката и беше на чело на Форумот на жени на СДСМ, како и советничка за култура на поранешниот премиер Зоран Заев.
Пред неколку години, додека беше советничка на Заев, се најде и сред скандал откако се објави вест дека нејзината снаа за проект добила грант од над 300 илјади евра од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, додека пак фирмата била формирана само еден месец.
Тогаш Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по допрен глас оформи предмет за евентуалните злоупотреби при доделувањето грантови од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, а Ласкова беше разрешена од функцијата во Форумот на жени во 2019 година.