Македонија

Министерството за надворешни работи ги повика македонските граѓани да го напуштат Либан поради влошена безбедносна ситуација

Министерството за надворешни работи ги повика македонските граѓани да го напуштат Либан поради влошена безбедносна ситуација

Министерството за надворешни работи (МНР) ги повика сите македонски државјани кои се наоѓаат во Либан да ја напуштат земјата при првата можна прилика, поради влошената безбедносна ситуација во регионот.

Во соопштението, МНР предупредува дека непредвидливата безбедносна состојба на Блискиот Исток налага итно размислување за безбедноста на македонските граѓани. Министерството апелира до сите кои имаат планирани патувања во Израел да ги одложат доколку не се неопходни. Дополнително, македонските државјани кои се наоѓаат во Израел се советуваат да ги следат упатствата на локалните безбедносни власти и, доколку е потребно, да го напуштат Израел во зависност од развојот на безбедносната ситуација.

МНР ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата во Либан, Израел и поширокиот регион и ќе ги информира македонските државјани за понатамошни насоки. За повеќе информации и помош, македонските граѓани можат да се обратат на дежурните телефони на МНР, како и на дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив.

Ова предупредување доаѓа по зголемената регионална тензија на Блискиот Исток, особено по атентатот на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, во Техеран, и израелскиот напад во Бејрут, при кој беше убиен висок воен командант на Хезболах. И Хамас и Иран го обвинија Израел за атентатот и најавија одмазда, што дополнително ја зголеми несигурноста во регионот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни