Министерството за правда, во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, денеска организира тркалезна маса во Апелациониот суд Штип, посветена на потребата од измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија. Ова е трет ваков настан, по претходните одржани во Скопје и Битола, со цел да се поттикне стручна расправа и да се обезбеди транспарентен и инклузивен процес за унапредување на законската рамка за работењето на Судскиот совет.
На тркалезната маса ќе се дискутираат условите и постапката за избор на членовите на Судскиот совет, нивниот мандат и одговорност, како и постапките за утврдување дисциплинска одговорност на судиите. Заклучоците и препораките од оваа средба ќе послужат како основа за понатамошно подобрување на текстот на предложените измени и дополнувања на законот.
Министерството за правда продолжува со организирање вакви консултативни настани низ државата, со цел да ги вклучи сите релевантни чинители во процесот на реформирање на правосудниот систем и приближување кон европските стандарди.