Министерството за здравство реагираше на тврдењата што се појавија во јавноста за наводни непотребни медицински интервенции, нагласувајќи дека здравствениот систем функционира врз јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки. Од институцијата појаснуваат дека одлуките за лекување се засноваат на клинички индикации, а пациентите секогаш имаат право да побараат второ стручно мислење.
„Пациентите треба да се чувствуваат охрабрени да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење – тоа е дел од добрата медицинска практика,“ стои во ставот на Министерството.
Според ресорот, безбедноста на пациентите, медицинската етика и медицината заснована на докази се основните принципи врз кои се гради системот, а истите ќе бидат во фокус и со новиот пристап во раководењето на здравството.
Министерството информира дека веќе се координираат активности за проверка на изнесените тврдења и дека ќе бидат спроведени итни и вонредни надзори за добивање на целосна слика. Дополнително, министерот Азир Алиу најавил дека дигитализацијата на здравствениот сектор, преку системот „Мој Термин“, ќе овозможи подобра двонасочна размена на информации меѓу јавните и приватните здравствени установи, што ќе придонесе и за откривање на евентуални злоупотреби.
„Здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и сензационализам,“ потенцира Министерството, додавајќи дека секој има право на свое мислење, но предупредува дека генерализациите и сензационалистичките изјави можат да нанесат штета врз довербата во системот.