Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, ги негира обвинувањата за злоупотреба на службената должност. Според него, јавното обвинување синоќа од Финансиската полиција е од времето и мандатот кога со овој ресор управуваше некој друг. Во мое време, пред една година, овој случај е затворен.
„Наредив, на вработените и обвинетите во случајот, да ги вратат средствата, и тие се вратени. Објавувањето на овој случај, токму во овие моменти и тенденциите по секоја цена да се оцрни моето име и личност, од Финансиската полиција, се на погрешна адреса. Апелирам до сите релевантни институции во државава и до финансиската полиција, сериозно да се позанимаваат со истрага, расчистување и документирање на злоупотребите, корупцијата во сите сегменти на државата, без да биде поштедена ниту една индивидуа или група на организиран криминал“, изјави Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа.
Фазли на крајот побара од директорот на Финансиска полиција сериозно да се занимава со реалните злоупотреби кои имаат фатено корени во овие 20-30 години во Македонија. На ова реагираше и екс министерот за локална самоуправа,Лирим Шабани, кој вели дека парите се вратени од страна на вработените и дека оваа афера не се поврзува со наводните обвинувања кон него.
„Истакнувам уште еднаш дека паричната сума која се спомнува во истрагата на Финансиската полиција, не се однесува на мене или на неаргументираната употреба од моја страна во текот на периодот кога бев министер, туку од вработени и одговорни лица од одделот за менаџирање на ИПА фондовите. Исто така, дополнително, можам да констатирам дека овие вработени, по ревизијата, ја вратиле паричната сума по законски пат, нешто што негира секакво претендирање за можна злоупотреба на буџетот на министерството или државниот буџет воопшто“, изјави Ларим Шабани, екс министер за локална самоуправа.
Пред еден ден, Управата на Финансиска полиција обвини двајца министри за неодговорно работење и оштетување на буџетот за 2 милиони и 198 илјади денари или околу 35 илјади евра. Обвинителниот акт се поврзува со злоупотреба на ИПА фондовите за меѓу- гранична соработка со Бугарија, кои според обвинението се злоупотребени на незаконски начин за патни трошоци, дневници и платни налози за двајца вработени од министерството кои што во периодот од 2015 до 2017 примиле над 12 илјади евра само како хонорар и патни трошоци.
Репортер: Зимер Јашари
