Екс министерот за финансии Кирил Миноски во вечерашното гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ се осврна на случувањата што му претходеле на одземањето на дозволата за работа на Алта банка во Србија, посочувајќи дека во краток временски период биле објавени различни информации за финансиската состојба на банката.
Според Миноски, кон крајот на октомври во српската јавност се појавиле информации за наводни масовни одливи на финансиски средства од Алта банка, вклучително и тврдења дека дел од парите биле префрлани кон Македонија и Русија.
Тој нагласи дека станува збор за информации кои биле предмет на јавни шпекулации и дека при анализирањето на случајот треба да се земат предвид официјалните соопштенија на надлежните институции.
„Мораме да говориме врз основа на информациите што ги имаме, бидејќи има многу шпекулации, но треба да се држиме до официјалните соопштенија на релевантните државни институции“, истакна Миновски.
Тој потсети дека околу 27 октомври српски адвокат јавно предупредил за наводни одливи на средства од банката, по што следувал демант од Народната банка на Србија.
Според неговото излагање, српскиот регулатор тогаш соопштил дека банкарскиот сектор е стабилен, вклучително и Алта банка.
Меѓутоа, само неколку дена подоцна, на 31 октомври, била донесена одлука за одземање на дозволата за работа на банката.
„Кон крајот на неделата беше донесена одлука со која ѝ беше одземена лиценцата на Алта банка, со образложение дека дошло до сериозно нарушување на ликвидноста и дека банката нема да може да ги сервисира сопствените обврски“, посочи Миновски.
Тој направи разлика меѓу состојбата во Србија и онаа во Македонија, нагласувајќи дека македонската банка функционира во посебен правен и регулаторен систем.
Според него, достапните податоци не покажуваат идентични проблеми со ликвидноста кај македонската банка, но случувањата со нејзиниот сопственик претставуваат сериозен репутациски ризик.
Миновски оцени дека токму поради тој ризик било неопходно Народната банка навремено да интервенира и да преземе мерки за заштита на депозитите и стабилноста на банкарското работење.