Македонија

Мисајловски: Посебно сум горд на Армијата и сите нејзини припадници, воени и цивилни лица

Мисајловски: Посебно сум горд на Армијата и сите нејзини припадници, воени и цивилни лица

Денеска во Центарот за обука на вода – Охрид се одржа централната свеченост, по повод 18 Август – Денот на Армијата. На денешната свеченост на која присуствуваше највисокото државно раководство, Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, гости од воено дипломатскиот кор, командантот на Националната гарда на Вермонт, генералот Грегори Најт, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот и други гости, генерал-мајор Сашко Лафчиски ја презеде должноста, началник на Генералштабот на Армијата од досегашниот началник Васко Ѓурчиновски.

По повод денешниот Ден на Армијата свое обраќање имаше Министерот за одбрана Владо Мисајловски кој пред присутните истакна дека е посебно горд на Армијата и сите нејзини припадници, воени и цивилни лица, затоа што Армијата е инспирација за успех, институција за пример за достигнување големи подвизи, за единство,  институција која има најголема доверба кај граѓаните.

„Денеска, прославуваме 32 години од формирањето на македонската Армија, институција на која сум посебно горд, затоа што е институција која со своите припадници е инспирација за успех, инспирација за достигнување големи подвизи, инспирација за единство, институција која има најголема доверба кај граѓаните, институција за пример.

Кога ќе со слушнеме зборот Армија, првите асоцијации ни се:

Херојство, храброст, безбедност, организираност, дисциплина, мировници, или со еден збор, заштитници!

Во сите овие изминати години развој на Армијата сите ние сме сведоци на жртвата на овие лица кои секогаш биле и се на браникот за заштита на своите сограѓани, во пожари, поплави, пандемија, кризни состојби. Тоа се овие лица околу нас, кои дале заклетва и тоа не било каква, туку заклетва на која се заколнале дека ќе ја бранат слободата, сувереноста и територијалниот интегритет на нашата татковина, Македонија. Па, има ли нешто посвето од ова! И токму затоа од срце, искажувам признание и огромна благодарност за нивната определба.

Но, да не ги заборавиме бранителите кои се одзваа на повикот на државата и кои за жал ја платија највисоката цена, ги положија своите животи за својата Македонија. На нашите херои, за нивната жртва и храброст вечно им се поклонуваме“, изјави Мисајловски.

Во своето обраќање министерот Мисајловски се осврна на важноста на, унапредување на билатералната, регионалната и соработката со соседите се со една цел, безбедна држава, стабилен и безбеден Регион и мир во регионални и глобални рамки.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни