Градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, денеска информира дека инспекциските служби професионално и посветено постапуваат во врска со манифестацијата „Зимзоленд“.
Инспекциската постапка била отпочната на 28.11.2025 година, а во моментов внимателно се разгледуваат сите факти и околности кои се однесуваат исклучиво на одобрението за поставување урбана опрема. По целосно завршување на постапката, од Општината ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законите, доколку се утврди основа за тоа.
Митески истакнува дека земјиштето на кое се одржува „Зимзоленд“ е во приватна сопственост, а Општина Аеродром не е организатор ниту учесник во програмските активности на манифестацијата.
„Вашата доверба и спокојство ни се од големо значење. Секое случување во нашата општина е важно за нас, па транспарентноста и отвореноста остануваат наши водечки принципи. Продолжуваме внимателно да ги следиме сите активности, со искрена посветеност да обезбедиме сигурна, уредна и пријатна средина за сите жители на Аеродром“, се наведува во соопштението.
