Македонија

Митрески: 27 април е еден од најцрните датуми во историјата на македонската демократија и македонското општество

Митрески: 27 април е еден од најцрните датуми во историјата на македонската демократија и македонското општество

Координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата Јован Митрески денеска на прес конференција посочи дека пет години после 27 април сите ние имаат обврска пред граѓаните на оваа земја, пред сите оние кои го преживеаа тој крвав ден и пред идните генерации да не дозволиме никогаш повеќе да се повтори.

„А нема да се повтори само ако сите политички субјекти во земјава, не само декларативно, туку суштински, се обединат зад демократските и слободарски вредности. 27 април 2017 е еден од најцрните датуми во историјата на македонската демократија и македонското општество. За да спречат промена на власта и почитување на изборната волја на граѓаните, вооружени насилници поттикнати и злоупотребени од ВМРО-ДПМНЕ насилно упаднаа во Собранието во обид да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби, вели Митрески.

Според него, наместо храм на демократијата Собранието го претворија во бојно поле.

„Заради лични и партиски интереси на тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ за спас од криминалот и за спас на режимот, државата на тој 27 април беше доведена на работ на амбисот, пред граѓанска војна. Крвавиот четврток е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, а во оваа партија ниту по пет години нема никаква промена. Ниту еднаш за овие пет години не видовме никакво извинување, никакво каење од Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, лицата кои се осудени за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок“ ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски иако не се тие ги нарекуваат уставобранители, правејќи лажен обид да ја исперат нечистата совест пред нив и нивните семејства“, вели Митрески. 

Тој вели дека пет години подоцна од држава на раб на граѓанска војна, денес сме демократска држава членка на НАТО, пријател и сојузник со соседите и демократскиот свет.

„СДСМ и парламентарното мнозинство, никогаш нема да дозволи да се заборави 27 април.Заедно со граѓаните нема да дозволиме никогаш да се повтори ваков срамен и трагичен настан во македонската демократија“, порача Митрески.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни