„Мицкоски да беше голем како Груевски“ – Арсовска вчерашната средба во Влада ја нарече политички циркус

Политички циркус во функција на покривање на неуспесите на државните политики и добивање политички поени, вака градоначалничката на Скопје Данела Арсовска ја нарече вчерашната средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински. Иако по вчерашниот состанок Перински рече дека се договориле Арсовска да изготви план за проблемите на градот, градоначалничката уверува дека на состанокот дошла со план но дека бил одбиен. Повторно се пожали дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ не ги гласаат програмите за работа, а побара од Мицкоски, како што рече, да биде голем како Груевски.

„Ние секоја година во овие изминати две и пол еве трета година ако набавувавме по 50 автобуси, 150 нови автобуси ќе имавме. За жал, не се одважија и а вчерашната средба исто така кажаа пари нема, девастиран е буџетот и нема да гласаат за таква одлука иако ние повторно ќе ја предложиме па нека не гласаат. Еве вие ќе гледате, ќе следите. Ако не можеше да каже да биде голем, што знам,еве како Груевски па да купи тој 250 автобуси и нека ги донесе на Скопје и на скопјани. Мислам за овие политички циркузанти кои што се обидуваат целиот свој неуспех да го свртат кон еден човек“, изјави Арсовска.

Арсовска вината за состојбите во градот целосно ја префрла на 45 кандидати за советници на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со неа излегоа на локалните избори . Тврди дека изминатиов период спровела голем број проекти и не прифаќа обвинувања дека не работи и затоа нема да даде оставка.

„Јас имав 45 личности кои што беа на листата на предлог советници на ВМРО-ДПМНЕ кои што на секој настап, на секоја сцена беа заедно со мене и велеа, го гарантираме ова во програмата. Тие таа програма ја гарантираа и тие таа програма ја кочат. Во моментот кога овие со 2 посто програма реализирано ќе ги прашате дали ќе дадат оставка тогаш ќе дојдете кај мене јас ќе ви ги презентирам сите проекти што ги имам направаено во овие изминати две и пол години“, рече Арсовска.

Арсовска на моменти се расправаше и со новинарите кога беше прашана за менувањето директори.

„Менува и ЈП Исар Штип па никој не оди да зборува затоа што му припаѓа на Мицкоски, сега не ве разбирам, тоне и Тетово на Биљал Касами па не смеете да кажете. Прво нивото на воспитание ви е на ниво кое што…“, изјави градоначалничката.

Вчера по средбата на Мицкоски и Перински со Арсовска, во Владата беше одржана прес конференција на која министерот за локална самоуправа изрази разочараност од настапот на градоначалничката на Скопје.

„Градоначалничката предложи до крајот на оваа недела да состави некаков план кој ќе биде презентиран пред советниците во рамки на советот , иако нашите очекувања не се големи морам да признаам. Во таа насока ќе почекаме до крајот на неделава да видиме што план ќе се донесе и потреби што оваа влада може да помогне, и во основа на тие заклучоци ќе носиме заклучоци.“, изјави Перински.

Минатата недела скопските градоначалници побараа од Владата да и ги одземе ингеренциите на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска за јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и Зеленило поради, како што рекоа алармантната состојба со хигиената и запуштеноста на Скопје, а дополнително и тоа што Арсовска воопшто не сакала да комуницира со другите градоначалници.