Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати честитка по повод празникот Свети Климент Охридски, нагласувајќи ја важноста на неговото дело и улогата во македонската историја.
„Ликот и делото на Свети Климент Охридски се силно врежани во македонската историја. Тој е основоположник на Македонската православна црква, нашата писменост и култура, и фигура која го осветли патот на многумина кон Бога,“ истакна Мицкоски во честитката.
Мицкоски го нагласи значењето на Свети Климент како прв македонски епископ и творец на познатата Охридска школа, посочувајќи дека тој е една од најзначајните личности во македонската средновековна историја.
„Со силна вера, дисциплина и посветеност, Свети Климент ги надминуваше пречките што му стоеја на патот, неуморно ширејќи ја својата пастирска љубов. Денес, кога се соочуваме со бројни предизвици, потребно е да го следиме неговото дело, кога со сплотеност и единство ги надминуваше и најсилните пречки,“ порача Мицкоски.
Тој додаде дека Свети Климент не е значаен само за македонскиот народ, туку и за целиот христијански свет, насочувајќи го кон иднината.
„Нека ни е честит и за многу години големиот празник – Свети Климент Охридски!“ заврши во честитката.
Празникот Свети Климент Охридски се одбележува со бројни манифестации низ Македонија, со што се нагласува важноста на неговото дело за духовниот и културниот развој на народот.