Генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ, го повика Јавното обвинителство да го повика премиерот Христијан Мицкоски на распит и, како што рече, да ги испита неговите „чувства“, со цел да се утврди дали институцијата постапува независно.
Партијата соопшти дека поднела кривична пријава против премиерот за злоупотреба на службената должност, посочувајќи дека неговите изјави за можен прогон на функционери од поранешната влада претставуваат политички притисок врз опозицијата. Според Димитријевиќ, ова е директен одговор на ставовите на Мицкоски дека има „чувство“ дека ќе следуваат постапки против неистомисленици.
– „Христијан Мицкоски повеќе не се крие, тој е обвинител, судија кој однапред нарачува судски процеси против опозицијата. Од позиција на премиер Мицкоски јавно најавува кривични прогони, таргетира конкретни луѓе од опозицијата и нивните семејства со однапред напишани обвиненија. Неговото „имам чувство“ го диктира стравот затоа што знае дека ќе мора да се соочи со одговорноста“ – рече Димитријевиќ.
Тој оцени дека станува збор за сериозен скандал кој, како што посочи, значи уривање на правниот и уставниот поредок. Според него, ваквите изјави се сигнал дека судството и обвинителството се користат како средство за политичка одмазда и притисок врз неистомислениците.
– „Затоа СДСМ поднесува кривична пријава против Христијан Мицкоски за злоупотреба на службена должност и овластувања член 353 став 1 од Кривичниот законик, повреда на рамноправноста на граѓаните член 137 став 1 и 2 од КЗ и за загрозување на сигурноста, член 143 став 1 од КЗ. Бараме јавното обвинителство веднаш да постапи по кривичната пријава, да го повика Мицкоски на распит и да се спречи натамошно загрозување на правниот поредок. Нека докаже ЈО дека никој не е над законите и дека може независно да постапува, а не само по нарачки. СДСМ нема да се повлече пред заканите. Мицкоски нарачува процеси мислејќи дека со тоа ќе не заплаши“ – рече Димитријевиќ.
