Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека штедачите и доверителите на Алта банка немаат причина за паника и дека државата внимателно ја следи состојбата со финансиската институција. Тој порача дека граѓаните ќе бидат обештетени доколку банката заврши во стечај, повикувајќи ги да не веруваат на шпекулации и информации со кои, според него, намерно се создава вознемиреност во јавноста.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски ја обвини опозицијата дека случајот со Алта банка го користи за политички цели и дека преку јавните настапи се обидува да предизвика страв кај граѓаните. Притоа направи паралела со реакциите на опозицијата во врска со унгарскиот заем, стратешкиот договор со Обединетото Кралство и други прашања.
Според премиерот, проблемите со Алта банка потекнуваат од Србија и станува збор за увезен проблем, а не за ситуација слична на пропаѓањето на Еуростандард банка.
Сепак, тој предупреди дека случувањата во соседството може да имаат пошироки економски последици и врз македонското стопанство. Како аргумент ја посочи трговската размена меѓу двете земји, која во 2025 година изнесувала околу 1,2 милијарди евра.
Мицкоски откри дека неколку македонски компании веќе го информирале за проблеми со своите деловни партнери во Србија, кои се соочуваат со финансиски тешкотии поради блокираните средства во Алта банка.
Тој изрази загриженост дека доколку состојбата не се стабилизира во најкус можен рок, последиците би можеле да доведат до затворање компании и губење работни места во двете држави. Како дополнителен ризик ја спомена и економската состојба во Албанија.
Во однос на преземањето на Стопанска банка Битола од страна на српската Алта банка, премиерот рече дека, според информациите со кои располага, биле исполнети сите законски услови и биле добиени позитивни мислења од надлежните институции, меѓу кои Комисијата за хартии од вредност и Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Тој нагласи дека акциите биле продадени на јавна аукција од приватни акционери и дека Владата немала никаква улога во продажбата.
За иднината на Алта банка Битола, Мицкоски посочи две можни сценарија – да се најде нов инвеститор кој ќе ја преземе и консолидира банката или, доколку тоа не се реализира, да биде отворена стечајна постапка и да ѝ биде одземена дозволата за работа.
Во однос на заштитата на депозитите, премиерот информираше дека според владините проверки, меѓу 95 и 96 проценти од штедачите имаат депозити до 30.000 евра, кои се целосно загарантирани. Тој додаде дека и останатите доверители треба да бидат спокојни, повикувајќи се на податоци според кои активата на банката е два до три пати поголема од нејзините обврски.
Мицкоски повтори дека институциите ја следат состојбата и дека, дури и доколку банката заврши во стечај, штедачите и доверителите ќе бидат обештетени.