Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер, Христијан Мицкоски денеска на прес конференција посочи дека поднеле закон со кој се формираат нови министерства.
Тој вели дека законот ќе помогне за подобро функционирање на државната управа, а се очекува во петок, истиот да се најде на седница на Собранието, а до 11-ти јуни да биде изгласан.
„Поднесувам предлог на Закон за измена на Законот за организација и работа на органите на државната управа по скратена постапка. Ја барам поддршката на сите пратеници, без разлика на која политичка партија припаѓаат. А легитимитетот го темелам врз основа на изборните резултати од пред неколку недели кога коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и професорката Гордана Сиљановска Давкова. Легитимитетот од страна на граѓаните е јасен, кредибилитетот и легалитетот исто така јасен. Ова беше изборно ветување, идентично на она дека идната Влада, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прави заедно со опозициските партии, а денес веќе се дел од владиното мнозинство“, порача Мицкоски.
Мицкоски објасни и што е тоа што го опфаќа овој закон.
„Со овој нов закон се предвидува да бидат формирани или реорганизирани определен број на министерства во Владата и тоа со Министерството за економија и труд кое ќе биде министерство кое ќе ги опфаќа дел од ингеренциите на старото Министерство за економија и ќе му се додаде „труд“ за работодавачите да можат на едно место да ги реализираат своите обврски, дијалог итн“, вели Мицкоски.
Тој порача дека Агенцијата за млади и спорт нема да постои, туку ќе има Министерство за труд.
„Надлежностите за рударството и енергетиката ќе бидат во надлежност на Министерството за рударство, енергетика и минерални суровини. Министерството за култура ќе стане Министерство за култура и туризам. Новоформирано Министерството за дигитализација ќе ги наследи надлежностите на досегашното Министерство за информатика, а ќе има и ново Министерство за администрација“, вели Мицкоски.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ваќа се добива подобрување на животот и стандардот на граѓаните.