Македонија

Мицкоски: Нема простор за загриженост за Алта банка, бараме потенцијален купувач

Мицкоски: Нема простор за загриженост за Алта банка, бараме потенцијален купувач

Владата во наредните денови ќе одржи повеќе средби со финансиски институции за да се најде потенцијален купувач на Алта банка, најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој уверува дека состојбата со банката е под контрола и дека Народната банка и Владата располагаат со механизми за справување со ситуацијата, порачувајќи дека граѓаните немаат причина за загриженост.

Мицкоски ова го изјави по пуштањето во употреба на третата фаза од системот за наводнување „Страиште“ во Општина Валандово, одговарајќи на новинарско прашање за критиките на СДСМ дека ниту еден од двата предложени модели за решавање на проблемот со Алта банка нема да даде резултат.

Премиерот оцени дека власта и опозицијата имаат различни пристапи кон ситуацијата. Според него, Владата работи на изнаоѓање решение и купувач за банката, додека СДСМ, како што обвини, се надева на најнеповолно сценарио.

Тој повтори дека Алта банка ја смета за здрава финансиска институција и нагласи дека, доколку дојде до најлошо сценарио, сите доверители и штедачи ќе бидат обесштетени до последен цент. Посочи дека најголемиот дел од депозитите се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, а активата на банката е поголема од нејзините обврски.

„Ние се трудиме да не дојде до тоа, односно до ова црно сценарио, туку да најдеме купувач. Во следните неколку дена, заедно со гувернерот и министерката за финансии, ќе имаме средби со повеќе финансиски институции кои би можеле да бидат потенцијални купувачи на банката“, истакна Мицкоски.

Тој ја обвини опозицијата дека се обидува политички да профитира од проблемот, кој, според него, е поврзан со случувањата во Србија. Притоа ги повика граѓаните да не веруваат во, како што ги нарече, невистините и потсети на претходни тврдења за наводно носење мигранти и банкрот на државата, кои, според него, не се оствариле.

Осврнувајќи се на пошироките последици од состојбата со Алта банка, премиерот рече дека проблемите во српскиот банкарски сектор се одразуваат и врз македонските компании кои соработуваат со тамошни партнери.

Како пример го посочи ограничувањето на менувањето евра во менувачниците во Србија, каде што, според неговите информации, на граѓаните им се менуваат од 300 до 400 евра. Тој оцени дека ваквите ограничувања се сериозен показател за состојбите во тамошниот финансиски систем.

Мицкоски предупреди дека дел од македонските компании веќе имаат проблеми поради блокираните сметки и средства на нивните деловни партнери во Алта банка. Според него, некои од српските компании со кои соработуваат домашните фирми веќе ги затвориле своите бизниси.

На крајот, премиерот изрази надеж дека во Србија наскоро ќе биде формирана нова влада која ќе води проевропска и реформска политика, оценувајќи дека тоа е важно и за Македонија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни