Македонија

Мицкоски од Велика Британија: Остварив повеќе средби со државници од регионот и соседството

Мицкоски од Велика Британија: Остварив повеќе средби со државници од регионот и соседството

Денес на Самитот на Европската политичка заедница кој се одржува во Обединетото Кралство, премиерот Христијан Мицкоски имал повеќе билатерални средби, меѓу кои и со новиот министер за надворешни работи на Велика Британија.

Како што вели во видеоизјава, се сретнал со државници од регионот и соседството – со претседателите на Србија, Црна Гора и Бугарија – Александар Вучиќ, Јаков Милатовиќ и Румен Радев, и со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ. На сите овие средби, вели Мицкоски, имал можност да разговара за  предизвиците за регионот и за приоритетите на македонската Влада.

-Главен приоритет на Македонија и на новата македонската Влада претставуваат добрососедските односи и конечно наоѓање трајно и одржливо решение за проблемот којшто го имаме со нашиот источен сосед. Понатаму би ги потенцирал средбите коишто ги имав со претседателот Зеленски, но и претседателот на Европскиот совет, Мишел, каде што јасно ги презентирав и ги претставив позициите на новата македонска влада, вели Мицкоски во изјавата што ја пренесува владината прес-служба.

Од учеството на Самитот тој го издвојува и своето обраќање на тркалезната маса на еден од панелите каде што се осврнал на  предизвиците во енергетиката, регионалното поврзување, но и она што претставува интерес на нашата земја.

-А тоа претставува практично и регионално поврзување, тоа претставува и предизвик за навремено и одржливо снабдување на сите потрошувачи на енергенси, меѓу кои би го издвоил гасот и електричната енергија. Главен интерес на Македонија како држава е да биде земја низ која ќе транзитираат главните енергенси со којашто ќе се снабдува Централна Европа, вели Мицкоски.

На крајот од видеоизјавата премиерот додава „се враќаме назад со добри впечатоци и со она кое што претставува достоинствено претставување на македонските интереси овде, во Оксфорд, Велика Британија“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни