Македонија

Мицкоски: Пензискиот систем е стабилен, СДСМ обвинува за продлабочување на дупката

Мицкоски: Пензискиот систем е стабилен, СДСМ обвинува за продлабочување на дупката

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека пензискиот систем е стабилен и дека пензионерите нема причина за грижа. Во исто време, од СДСМ обвинија дека системот е „пред колапс“ и дека власта ја зголемила дупката во пензискиот фонд.

Пензискиот систем е стабилен и пензионерите не треба да се грижат, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека средствата кои се злоупотребуваат треба да се пренасочат таму каде што се потребни, наместо, како што посочи, да ги користат „фантоми“ во повеќе сектори, за што, според него, веќе се спроведуваат контроли.

Мицкоски посочи дека по детална анализа и проверки на терен, „фактурата за овој месец е за двесте милиони денари помала споредбено со истиот месец лани“. Според него, меѓу корисниците имало „за жал починати луѓе, отселени луѓе, лажни луѓе и така натаму“. Дополнително наведе дека од буџетот се трошеле „повеќе од милијарда, милијарда и пол фиктивно“ за корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност.

Тој соопшти и бројка за утврдени неправилности во социјалниот систем. „До овој момент имаме повеќе од четири и пол илјади, значи не четириесет и пет, не четиристотин и педесет, четири и пол илјади лажни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност“, изјави премиерот.

Од СДСМ, пак, со спротивен став. Оттаму обвинија дека „пензискиот систем е пред колапс“ и дека Владата на Мицкоски ја зголемила дупката на „историски милијарда евра“, што, според нив, е „над 14 отсто од целиот државен буџет“. Според опозициската партија, власта поради недостиг на пари сака да посегне и по средствата од вториот пензиски столб. Во реакцијата се наведува дека „најновиот изговор“ се „измислени инвестиции“ и дека граѓаните би можеле да останат без својата заштеда и важна потпора за идната пензија.

Премиерот, од своја страна, појасни дека линеарното зголемување на пензиите можеби претставувало дополнителен товар за државната каса, но истовремено значело и намалување на стапката на сиромаштија. Осврнувајќи се на вториот пензиски столб, тој рече дека кога бил воспоставен „не се водело сметка за резултатите после десет, дванаесет, петнаесет години“. „Денеска ги гледаме тие резултати, но повторно ќе кажам и покрај тие предизвици, ние имаме стабилен пензиски систем“, изјави Мицкоски.

Во однос на иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на празници и неработни денови, премиерот рече дека е против таков предлог, бидејќи, како што наведе, стекнатите права на работниците треба да се почитуваат.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Стефанија Кузмановска и Тодор Конески 10.06.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни