Премиерот Христијан Мицкоски, при денешната посета на Делчево, изјави дека состојбата со „Алта банка“ е резултат на увезен проблем од северниот сосед, но дека преку навремените мерки на Народната банка и последователните процеси, на 30-ти овој месец ќе се одржи јавна аукција за нејзино преземање. Тој изрази уверување дека целиот процес ќе заврши успешно, нагласувајќи дека „Комерцијална банка“ веќе се пријавила како домашен правен субјект заинтересиран за откуп на акциите, за што веќе е објавена и ценовно чувствителна информација на Македонската берза.
Споредувајќи ја актуелната ситуација со случајот со „Еуростандард банка“, Мицкоски посочи на суштинска разлика во пристапот на институциите. Според него, за разлика од минатото кога „Еуростандард банка“ отишла во стечај откако тогашниот министер за финансии го повлекол својот депозит неколку дена пред колапсот, актуелната Влада заедно со Народната банка активно работеле на спас на „Алта банка“.
„Ако го анализирате портфолиото на Еуростандард банка и се вратите во 2016 и 2017 година, ќе видите кои правни субјекти од еден град во југоисточна Македонија биле корисници на кредити и со кои политичари од опозицијата се поврзани. Денеска имаме банка која Владата заедно со Народната банка се бореше да ја спаси и ќе ја спаси“, изјави премиерот, додавајќи дека во изминатите две и пол години се прават напори да се поправи она што претходната власт на СДСМ и ДУИ го уништувала седум години.
Во однос на Надзорната расправа во Собранието посветена на „Алта банка“, Мицкоски оцени дека уште при неговото прво сведочење паднале во вода, како што ги нарече, конструкциите и шпекулациите на опозициската СДСМ. Тој истакна дека на расправата се покажало оти деловните односи меѓу македонската Влада и „Алта банка“ биле воспоставени уште на владина седница во 2023 година, кога премиер бил тогашниот лидер на СДСМ, а на предлог на министерот за финансии од редовите на ДУИ.