Македонија

Мицкоски: Размислуваме за воведување нов данок за немажени и неженети

Мицкоски: Размислуваме за воведување нов данок за немажени и неженети

Премиерот Христијан Мицкоски утрово се обрати на дебатата „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“, што се одржа во Владата, при што нагласи дека Македонија е целосно свесна за демографската криза и е подготвена отворено да се соочи со овој сериозен предизвик.

Како една од мерките што се разгледуваат во насока на зголемување на наталитетот, премиерот најави дека Владата сериозно размислува за воведување посебни даноци за лицата кои не стапиле во брак.

„Оваа Влада не го премолчува проблемот, го именува, го признава и се бори со него. Но, што значи таа борба? Тоа не е борба со едно министерство, тоа е борба на сите нас. Борба што се води во градинките, училиштата, родилиштата, во домовите, во иселеничките клубови, на граничните премини каде се простуваат мајки и синови“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека крајната цел е да се изгради општество во кое животот вреди да се живее, каде мајчинството ќе биде благослов, а не товар, и каде институциите ќе ги поддржуваат младите наместо да ги исцрпуваат.

„Се надевам, професор Јаневска, дека оваа година читанката нема да биде ‘Мама, тато и јас’, туку ‘Бато, дада, јас, мама и тато’. Затоа нашата борба е да го направиме животот овде вреден“, рече тој, нагласувајќи дека Владата нема магично решение, но има силна намера и континуирана државничка борба за решавање на демографската криза.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни