Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека Владата ќе продолжи со поддршката за развојот на Тутунскиот комбинат Прилеп, со цел зголемување на извозните пазари. Тој се заблагодари на раководството на комбинатот и на пратениците од Прилеп кои постојано се борат за правата на тутунопроизводителите, како и на Министерството за земјоделие кое, според него, го третира секторот како врвен приоритет.
„Очекувам периодот на консолидирање на комбинатот да биде зад нас, состојбата е стабилизирана, и во иднина приоритет ќе биде развојот, новите инвестиции и зголемувањето на производството. Зошто девет пазари да не станат осумнаесет?“ изјави Мицкоски.
Тој додаде дека многу е направено и постигнато во последните години, и повика на заедничка работа за натамошен напредок, што, според него, е главен приоритет на Владата.