На заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, премиерот Христијан Мицкоски рече дека „присуството на претседателот Кошта, не е само потврда на нашата длабока дипломатската соработка, туку и реален чин на внимание, поддршка и интерес за иднината на нашата држава и за иднината на Западниот Балкан да биде наскоро дел од Европската Унија“.
„Во оваа нова етапа, кога граѓаните ја препуштија одговорноста на новата македонска влада, моја обврска како премиер е да зборувам отворено, искрено и достоинствено.
Тоа го правам првенствено затоа што имам должноста кон народот, но и кон самата европска идеја што толку упорно настојуваме да ја реализираме.
Нашата посветеност во процесот на евроинтеграции ќе остане и ќе се засили во периодот кој што следи, затоа што веруваме дека иднината на македонските граѓани е во рамките на европското семејство.
Се надевам дека во периодот кој што следи заеднички ќе го одблокираме овој процес, достоинствено, бидејќи една од суштинските европски вредности е токму достоинството.
И достоинствени ќе бидеме дел од европското семејство. Јас сум убеден дека имаме вредности, имаме капацитет, имаме знаење и знаеме како да го изодиме тој пат на најбрз начин, а со помошта која што лично ја дава претседателот Кошта и поддршката и помошта која што ја имаме и од Европската комисија и од земјите членки, сигурен сум дека ќе направиме квалитетни реформи и реформи кои што ќе обезбедат европска иднина за нашата држава и за нашите граѓани“, изјави Мицкоски.