МНР одбира најниска цена, нема ништо незаконско со изборот на „Еуровиа“, вели Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека нема ништо незаконско со изборот на фирмата донатор на ДУИ, „Еуровиа“ за изведувач на адаптацијата на салата „Борис Трајковски“ за конференцијата на ОБСЕ во декември.

-МНР нема избрано компанија, туку кога имате отворена постапка и единствен критериум ви е 100%, тоа што МНР прави е само рангирање. Таа што е најевтина, таа се предлага на министерот да ја избере. Кога би било одреден квалитет и цена, вие субјективно одлучувате, но не можете да влијаете врз изборот кога има само цена. И да беше еден денар, немавме можност за поинаков избор. Тука е разликата дури четирипати поевтина – рече Османи.

Министерот потенцира дека ва е најважниот настан во земјава и дека во неговата политичка кариера никогаш не би ставил дамка врз тоа. Затоа смета дека нема никаков конфликт на интерес ниту пак е прекршен законот. Тој им наредил на службите во МНР веднаш да ја испратат целокупната документација до Антикорупциска за случајот кој го отвори таа.

– Нема конфликт на интереси, единствено што се спомнува е дека сопственикот бил роднина на бивш министер кој е покоен шест години. Ја разбирам реакцијата и граѓаните имаат право да се сомневаат, но ве уверувам дека се е законски. Може да ме обвините за се, но за корупција не можете, ниту кога сум бил и доктор. Таа особина ја немам посебно на ваков важен настан. Знам дека е тешко за верување, но дознав дека фирмата е донатор од вас медиумите. Ги повикувам институциите да истражат се – додаде Османи.