Додека раководството на Македонската радиотелевизија (МРТ) најавува 2026-та да биде „година на радиото“ и се зборува за VR технологии и поткасти, реалноста во каналите на етничките заедници (МТВ 4) е заглавена во минатиот век.
На последната 18-та седница на Програмскиот совет на МРТ, одржана на 20 ноември, вработените од „четвртиот канал“ излегоа со шокантни сведоштва за распадот на системот во овој дел од јавниот сервис.
„Вртиме исти снимки, немаме услови за вклучување во живо“
Билјана Тодоровиќ Ѓоргиевска, вработена во МТВ 4 (српска редакција), пред членовите на Советот отворено признала дека таа и нејзините колеги „работат во услови кои се под новинарските стандарди“.
Најголемиот проблем е техничката и кадровска немоќ да се реализира програма во живо.
„Немаме услови за жива програма, сè што имаме е снимен материјал кој го прикажуваме по неколку пати“, истакнала таа на седницата, додавајќи дека за промена на ваквата состојба итно е потребен нов кадар.
Редакции без „газди“ – Нема кој да уредува
Хаосот не е само технички, туку и организациски. Според записникот од седницата кој го анализираше 4news.mk, во МТВ 4 постојат цели редакции кои функционираат без уредник.
Вработените се пожалиле дека во овој сектор никој не е унапреден со години. Тие бараат ист третман како МТВ 1 и МТВ 2, потсетувајќи го раководството дека МТВ 4 е единствениот канал во државата што емитува програма на пет јазици.
Директорот Цветковски: Имате одговорен уредник, држете колегиуми
На ваквите сериозни обвинувања, директорот на МРТ, Марјан Цветковски, одговорил дека вината треба да се бара и во внатрешната организација на самиот канал.
Според Цветковски, МТВ 4 има Одговорен уредник чија задача е да одржува Програмски колегиум.
„На тој колегиум треба да се утврдат поголемиот дел од проблемите, а потоа да се координираат со ТВ Техника и Одделението за продуценти за директни преноси“, порачал Цветковски.
Останува отворено прашањето – како јавниот сервис планира да ги информира граѓаните од немнозинските заедници навремено и точно, ако новинарите признаваат дека програмата им се сведува на „вртење снимки“?
