Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, по повод една година работа на Владата, порача дека европските интеграции не се само декларативна цел, туку операционализирана политика која дава конкретни резултати.
– По 12 месеци можеме да покажеме отчет, резултати и спроведени реформи. Европските интеграции не се збор на хартија, туку јасна политика што ја движи државата напред – истакна Муртезани на прес-конференција.
Тој посочи дека во изминатата година е целосно ревидирана преговарачката структура, усогласена со новиот пристапен процес, каде Министерството за европски прашања има централна координативна улога. Во процесот активно се вклучени околу 150 институции и повеќе од 800 експерти од јавната администрација кои работат на подготовка на преговарачките позиции.
– Работиме со факти, со бројки и со мерливи ефекти за граѓаните. Овие резултати не само што го зацврстуваат нашиот кредибилитет дома, туку испраќаат јасна порака до Брисел дека Северна Македонија има капацитет, волја и визија за членство во ЕУ – нагласи Муртезани.
Како клучен инструмент за напредок, тој го посочи Планот за раст и Реформската агенда, преку кои се обезбедени финансиски средства и поддршка за реформи.
– Ги завршивме сите законски процедури пред останатите земји во регионот и веќе повлековме 52,5 милиони евра од предфинансирањето. Поднесено е и првото барање за ослободување дополнителни 17 милиони евра, од кои 9 милиони се за капитални инвестиции – изјави Муртезани.
Тој додаде дека во моментов се координира ревидирањето на инвестициските проекти во рамки на Инструментот за реформи и раст, со листа од 19 проекти во вредност од 1,1 милијарда евра.
– Добиени се четири грантови за техничка помош, а аплицирано е со уште два проекти за техничка поддршка и два за инвестициски грантови – нагласи министерот.
Покрај тоа, е финализирано програмирањето на ИПА 2025-2027 со вкупно 67 милиони евра насочени кон стратешки сектори, меѓу кои владеење на правото, образование, јавна администрација и иновации.
Муртезани информираше и за донесување на акти за структурата на Планот за раст и Реформската агенда, кои овозможуваат ефикасна координација, следење, евалуација и систем за рано предупредување и контрола на ризици, вклучително и спречување на корупција и злоупотреби.
– Во однос на преводот на правото на ЕУ, за следната година обезбедени се дополнителни 35 милиони денари, а со поддршка од Европската комисија започнуваме и пилот проект за користење на вештачка интелигенција за превод – додаде Муртезани, истакнувајќи дека Северна Македонија е прва во регионот што започнува со ваков напреден процес.
Кога станува збор за исполнување на обврските за отворање на првиот кластер „Фундаментални вредности“, Муртезани информираше дека се финализираат двата клучни патокази – за владеење на правото и за јавната администрација, кои ќе бидат доставени до Европската комисија за понатамошна евалуација и проследување до Советот на ЕУ.
Министерството за европски прашања, како што нагласи министерот, денес функционира како вистински европски хаб, со воспоставени структури за координација, мониторинг, евалуација и со Академија за ЕУ што е во подготовка.
– Ова е патот што го одбравме – конкретни резултати, реформски процеси и јасна европска перспектива за граѓаните – заклучи Муртезани.