Министерот за европски прашања Орхан Муртезани заминува на нова дипломатска функција, откако објави дека ќе ја преземе должноста постојан претставник на Македонија во НАТО.
Муртезани ја сподели информацијата преку социјалните мрежи, оценувајќи ја новата функција како ново професионално поглавје, но и продолжување на неговата досегашна посветеност кон зајакнување на позицијата на земјата во евроатлантската заедница.
„Нова задача, иста одговорност“, напиша Муртезани во објавата.
Тој посочи дека во фокусот на неговото делување ќе биде Македонија да продолжи да биде безбедна држава, доверлив сојузник и активен член на НАТО, со свој глас и конкретен придонес во Алијансата.
Според Муртезани, актуелните безбедносни предизвици покажуваат дека членството во НАТО, покрај придобивките, носи и сериозна одговорност за секоја земја членка.
„За мене, ова е ново професионално поглавје, но во исто време и продолжување на истата посветеност – Македонија да биде безбедна, сигурен сојузник и држава што има свој глас и придонес во евроатлантското семејство“, истакна тој.
Муртезани на функцијата постојан претставник ќе ја продолжи дипломатската работа во рамки на НАТО, во период на сложени безбедносни и геополитички предизвици.