Потребата од активна и современа дипломатија која ќе ги следи глобалните промени, ќе ги штити националните интереси и ќе создава конкретни можности за државата беше во фокусот на обраќањето на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на отворањето на Амбасадорскиот совет во Скопје.
На настанот, на кој присуствуваа шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на државата, се обрати и министерот за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка.
Муцунски истакна дека брзите промени во меѓународните односи наметнуваат потреба од дополнително зајакнување на професионална, модерна и самоуверена дипломатска мрежа која навремено ќе ги препознава предизвиците, но и можностите за земјата.
„Светот се менува брзо, а малите и средните држави немаат луксуз да бидат пасивни. Затоа ни е потребна дипломатија која предвидува, отвора врати, создава партнерства и јасно и достоинствено ги штити нашите национални интереси“, порача министерот.
Посебно внимание во неговото обраќање беше посветено на европската интеграција. Муцунски нагласи дека дипломатската мрежа во земјите членки на Европската Унија треба континуирано да го засилува политичкиот ангажман и да работи на градење поширока и посилна поддршка за европскиот пат на државата.
„Бараме фер, предвидлив и кредибилен европски процес, заснован на резултати, европски принципи и заемно почитување. Поддршката не се создава со една посета – таа се гради систематски“, истакна тој.
Во таа насока, според Муцунски, потребно е продлабочување на контактите не само со владите, туку и со парламентите, политичките партии, бизнис-заедницата, медиумите, академската заедница и останатите релевантни чинители.
Говорејќи за безбедноста, министерот посочи дека НАТО останува основа на безбедноста на државата, при што земјава ќе продолжи да придонесува кон колективната одбрана, трансатлантското партнерство и стабилноста во регионот.
Најавено е и понатамошно продлабочување на соработката со стратешките партнери, зајакнување на регионалната соработка и градење конструктивни односи со соседните држави.
Економската дипломатија, исто така, беше издвоена како еден од приоритетите. Целта, како што беше посочено, е преку дипломатско-конзуларните претставништва да се постигнат поконкретни економски резултати – привлекување нови инвестиции, зголемување на извозот, отворање нови пазари и создавање можности за домашните компании.
Муцунски се осврна и на модернизацијата на конзуларните услуги, дигитализацијата и односите со дијаспората. Според него, унапредувањето на услугите и комуникацијата со граѓаните е важен дел од градењето доверба во институциите.
Дијаспората ја опиша како значаен човечки, економски и интелектуален потенцијал, нагласувајќи дека треба да се создаваат услови успешните граѓани во странство полесно да инвестираат, да пренесуваат знаење и да придонесуваат кон развојот на државата.
„Од нашата дипломатска мрежа очекуваме три работи: да ги штити националните интереси, да отвора нови можности за нашата држава и да им служи на нашите граѓани. Тоа е суштината“, порача Муцунски.
Тој додаде дека целта на Амбасадорскиот совет е искуствата и досегашната работа на дипломатската мрежа да се преточат во подобра координација, поголема иницијатива и конкретни резултати.
„Силната дипломатија не се мери според бројот на средби што сме ги одржале, престолнините што сме ги посетиле или документите што сме ги потпишале. Таа се мери според интересите што сме ги заштитиле, партнерствата што сме ги изградиле, вратите што сме ги отвориле, инвестициите што сме ги донеле и можностите што сме ги создале за нашата држава и за нашите граѓани“, заклучи Муцунски.