Викендот што измина, на некои од високoпланинските патишта во Полог и пред се по долината на Радика, во доцните вечерни и раните утрински часови, а како резултат на пониските температури, присутна беше голомразица, која претставува потенцијална опасност за возачите.
Доколку во наредниот период уште повеќе се спуштат температурите, на овие патишта можна е почеста голомразица, како и одрони од камења, кои дополнително го зголемуваат ризикот за случување сообраќајни несреќи.
Поради ова, Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до возачите да бидат крајно внимателни ако патуваат кон Стража, Маврово или Попова Шапка, од 15-ти овој месец задолжително да поседуваат зимска опрема и да ја прилагодат брзината според условите на патот.
На возачите им се советува, исто така, навреме да ја проверат техничката исправност на нивните возила и посебно оние кои вршат јавен превоз на патници со автобуси и комбиња, да не конзумираат алкохол кога седнуваат зад волан и да не управуваат неподготвени и заморени.
Полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово веќе спроведуваат и ќе продолжат со засилени контролни активности, во чие средиште ќе биде техничката исправност, односно неисправност на возилата, како и брзината со која се движат во и надвор од населените места.
Технички неисправните ќе се исклучуваат од сообраќај и ќе следуваат соодветни поднесоци, како и за пребрзите и за алкохолизираните возачи.
