МВР ќе анализира траги од пукање со најсовремен микроскоп

При користење огнено оружје се формира облак од неколку илјади до десетици илјади микроскопски честички кои се распространуваат во радиус до три метри. Токму честичките, често пати се клучен доказ за тоа дали одредено лице вршело испалување од огнено оружје.

Прецизноста и квалитетот на нивната детекција и анализа зависи од опремата што се користи за оваа намена.

Министерството за внатрешни работи во хемиската лабораторија на Одделот за форензички испитувања инсталираше современ скенирачки електронски микроскоп за анализа на траги од испукување (GSR честички). Станува збор за првиот специјализиран десктоп уред во светот за автоматизирана анализа на честички од пукање, кој за потребите на МВР го обезбеди Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).