За 8 Септември бесплатен влез во музеите

Како дел од прославата на 8 Септември, покрај многубројните пригодни манифестации, за граѓаните од 11:00 часот во целата држава ќе започне културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“, во чии рамки се обезбедува бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии во целата Република.

Сите заинтересирани граѓани ширум државата, ќе имаат можност да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби“, „Хераклеја“, „Баргала“, мегалитската опсерваторија „Кокино“, Музејот Охрид, музеите и заводите во Прилеп, Битола, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија, како и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија. Бесплатен влез за граѓаните ќе биде и во Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево. Во Битола, граѓаните ќе имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука како и во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј, во Кичево пак, во Музејот на Западна Македонија во НОВ, додека во Струга ќе биде бесплатен влезот во Музејот д-р Никола Незлобински.

Во Скопје ќе бидат отворени за посета, Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, Националната Галерија на Северна Македонија, Спомен-куќата на Мајка Тереза како и Конзерваторскиот центар (црквата Св. Спас).

Во Музејот на македонската борба за самостојност на 8 септември во 12:00 часот, гудачкиот квартет „Луј“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје ќе одржи концерт на кој ќе бидат изведени дела од Равел, Дворжак, Пјацола и други. Посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат и привремената изложба „Темелник на државноста“, посветена на клучните настани во формирањето на државата – Илинден 1903, Илинден 1944 и прогласувањето на независноста во 1991 година.

Националната опера и балет се приклучува во прославата со концерт на познати оперски арии, кој на 8 септември во 20:00 часот ќе се одржи пред платото на институцијата.

По повод Денот на независноста, во Кинотеката во 18:00 часот ќе се прикаже еден од најтрофејните македонски документарни филмови, „Медена земја“, во режија на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов. Во 20:00 часот ќе се прикаже филмот „Исцелител“, кој е прв дебитантски долгометражен филм на режисерот и сценарист Ѓорче Ставрески.