Македонија

На семејство со лица со попреченост му се потребни над 100.000 денари месечно за достоинствен живот

На семејство со лица со попреченост му се потребни над 100.000 денари месечно за достоинствен живот

На едно домаќинство во Северна Македонија во кое живеат лица со попреченост, му се потребни меѓу 100.000 и 110.000 денари месечно за да ги покрие основните животни потреби, што е за 1,6 пати повеќе од стандардната синдикална кошничка.

Ова го покажува првиот извештај од ваков вид, „Минимална кошничка за живот за заедницата на лица со попреченост“ , објавен денеска од Коалицијата МЕНУВАМЕ. Анализата открива огромен „економски јаз“ со кој се соочуваат овие семејства, а кој останува невидлив во официјалните пресметки.

Јаз меѓу потребите и реалноста

Проценетата кошничка од над 100.000 денари е драстично повисока од реалните примања во државата. Таа е:

  • 2,3 пати повисока од просечната нето плата (која во февруари 2025 изнесувала 43.053 денари).
  • Над 4 пати повисока од минималната плата (24.379 денари).

Од Коалицијата посочуваат дека официјалната „минимална кошничка за живот“ , која Сојузот на синдикати (ССМ) ја пресмета на 65.544 денари за октомври 2025 година , не успева да ги долови вистинските потреби на семејствата со попреченост.

„Рампа за инвалидски колички, специјализирана исхрана, неделна терапевтска сесија, такси до пристапна клиника – ова не се луксузи, туку спасувачки средства“, се наведува во извештајот. Токму овие „скриени трошоци“ се неопходни за достоинствен живот, а ги туркаат веќе ранливите домаќинства кон маргините на сиромаштијата.

Како е пресметана кошничката?

За да дојде до оваа бројка, извештајот користи модел на урбано домаќинство од 5 члена. Покрај основните трошоци за живот (храна, кирија, режиски трошоци), кои се повисоки за поголемо семејство во град (околу 85.000 – 90.000 денари), анализата додава и „доплата“ за специфичните потреби поврзани со попреченоста.

Оваа доплата се проценува на околу 21.000 до 23.000 денари месечно и ги вклучува следните проценети трошоци:

  • Медицински/терапевтски/помошни помагала: 7.000 денари
  • Транспорт/адаптиран транспорт: 5.000 денари
  • Лице за нега/помошник (скратено работно време): 8.000 денари
  • Дополнителни комунални услуги/исхрана: 3.000 денари

Повик за правда и итна акција

„Препознавањето на овие нееднаквости не е само прашање на економија; тоа е прашање на правда“, порачуваат од МЕНУВАМЕ. Тие нагласуваат дека кога трошоците за учество во општеството стануваат недостапни, „еднаквоста останува празно ветување“.

Извештајот, кој е прв од ваков вид во земјата и е изработен на македонски и англиски јазик , претставува повик за итна акција од креаторите на политиките.

Главните препораки вклучуваат развој на официјална „прилагодена минимална кошничка“ , како и воведување мерки како дополнителен надоместок за попреченост, субвенции за адаптирано домување и поддршка за старателите. Документот ќе биде доставен до сите домашни институции, дипломатските претставништва и Делегацијата на Европската Унија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни