Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска на прес конференција најави дека деновиве ќе назначи нов директор на Клиниката за детски болести.
Тој вели дека досегашната директорка Стојка Нацева – Фуштиќ, заминува во пензија.
Набавката на лекот „трикафта“, од Детската клиника, министерот Меџити ја спореди со шлаг на торта пред пензионирањето на директорката.
„Директорката и милата професорка Фуштиќ подобро пензионирање од ова нема да може да има. Шлаг на торта, навистина. Благодарам за се што дадовте од себе и за ова време што работевме заедно. Навистина сите сме многу благодарни. Професорката ќе продолжи да биде консултант ако му е потребно на новиот менаџмент што ќе биде на Детска клиника. Ние сме тука да го искористиме секогаш искуството на вакви наши вредни професори како професор Докиќ и професорката Фуштиќ. Деновиве ќе одлучиме и ќе соопштиме кој ќе ја наследи“, рече министерот Меџити на денешната прес-конференција за обезбедениот лек „трикафта“ за наредните два- три месеци како и за обезбедениот буџет за набавка на лекот за следните две години.