Во судницата во Основниот кривичен суд во Скопје, продолжува судењето за свирепото двојно убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот пензионер Панче Жежовски. Дејан Димовски, началник на единицата за насилен криминал, го даде својот исказ, во кој посочи на неколку клучни моменти од истрагата, фокусирајќи се на тврдењата на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
– Ми се јави началникот Музафер Калишиќ ми рече дека мора да се вклучиме и ние, бидејќи имаше информации од родителите дека може да биде грабната. Иако во тој момент немаше никакви докази. Ние одлучивме дека имаше доста нелогичности и одлучивме дека мора веднаш да почнеме со работа. Ги повикавме и родителите и директорката на училиштето, педагогот и класната раководителка. Не ни беше јасно како можеше толку брзо да се алармира дека девојчето е киднапирано. Мајката во 08 часот и 2 минути одма пријавила дека има исчезнато девојче, вели Димовски и додаде:
– Нормално би било прво да проверат да не е кај другарка, а не веднаш да известат дека е исчезната. По разговорот со класната ни стана јасно, бидејќи претходниот ден Вања имала проблем во училиште претходниот ден со друго дете за некоја книга и претходната вечер класната разговарала со мајката Зорица и се договориле дека следниот ден ќе ги расчистат сите работи на класен час. Прашувавме за врските, односите во семејството и дали и претходно се случувало да ја нема Вања. Подоцна започна потрагата низ парк и центарот на Скопје, тоа беше на полноќ. Се вратија и рекоа дека нема ништо. На помошникот му беше чудно, затоа што таткото не излегувал од кола, додека излегувале да пребаруваат.
Димовски додаде дека таткото постојано велел „џабе пребарувате, сигурно е киднапирана, можеби и убиена“.
– Се вршеше потрага и во Охрид, бидејќи таму имала стан. Ни беше нејасно дека цело време таткото велеше дека е киднапирана, и во еден момент им реков ако е киднапирана може да биде и добро тоа, бидејќи ќе имаме трага. Тие мора да се јават и да ве контактираат им реков. Мајката гледаше во телефонот но немаше повик. Останавме до 4-5 утрото. Сабајлето пак продолживме, изјави Димовски.
Судењето продолжува, додека сведочењата на сведоците од обвинителството ја разоткриваат сложената мрежа на настани поврзани со овој трагичен случај.