Свет

Над половина од возрасните во ЕУ имаат прекумерна тежина, покажуваат новите податоци

Над половина од возрасните во ЕУ имаат прекумерна тежина, покажуваат новите податоци

Повеќе од половина од возрасните жители на Европската Унија имаат прекумерна телесна тежина, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2025 година. Според статистиката, 16,3 отсто од лицата на возраст од 18 години и повеќе се соочуваат со дебелина, додека дополнителни 35,4 отсто се во категоријата пред дебелина.

Тоа значи дека вкупно повеќе од половина од возрасното население во ЕУ има индекс на телесна маса од најмалку 25.

Податоците покажуваат и значителна разлика меѓу мажите и жените. Дебелината е регистрирана кај 17,4 отсто од мажите, во споредба со 15,3 отсто од жените. Кај преддебелината разликата е уште поголема – 41,9 отсто од мажите се во оваа категорија, наспроти 29,3 отсто од жените.

Од друга страна, недоволната телесна тежина е почеста кај жените. Со тежина под границата за нормална телесна тежина биле 2,9 отсто од жените, додека кај мажите уделот изнесувал еден процент.

Кога станува збор за земјите членки, Малта е на врвот според стапката на дебелина. Во 2025 година, 26,6 отсто од возрасното население во земјата било дебело. Следуваат Латвија со 24,6 отсто и Финска со 23,2 отсто.

На спротивниот крај се Италија, каде што стапката на дебелина изнесувала седум отсто, Грција со 12,8 отсто и Романија со 12,9 отсто.

Евростат ја следи стапката на дебелина и како еден од показателите поврзани со целите за одржлив развој на Обединетите нации, особено оние што се однесуваат на искоренување на гладот, намалување на сите форми на неухранетост и обезбедување здрав живот и благосостојба.

Иако борбата против гладот и неухранетоста останува меѓу приоритетите на Агендата 2030, податоците покажуваат дека дебелината станува сè позначаен здравствен проблем поврзан со исхраната во Европа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни