Македонија

Најтажна Духовденска Задушница во Кочани – сеќавање, тишина и жед за правда!

Најтажна Духовденска Задушница во Кочани – сеќавање, тишина и жед за правда!
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Кочани денеска ја одбележува најтажната Духовденска Задушница. Три месеци по пожарот во дискотеката „Пулс“ каде настрадаа 62 млади животи, градот се подготвува за денови на тишина, молитви и солзи.

Во заедничката алеја на градските гробишта, каде што почиваат триесетина од трагично загинатите, роднините положуваат цвеќе, палат свеќи, се носи храна и се остават омилените предмети кои се неми сведоштва на прерано прекинати животи.

Црквата „Св. Георгиј“ одржува посебна служба, а распоредот е приспособен поради големата посетеност.

Додека на гробиштата ќе се раздава храна и вода според обичаите, најголемата жед – онаа за вистината – останува незаситена.

Веќе три месеци, институциите како да тапкаат во место. Роднините на загинатите велат дека од првичните 73 осомничени, истрагата е сведена на 46. Според нив, судот рутински ги пушта од притвор.

Тие и понатаму секоја сабота го одржуваат „Маршот на ангелите“ – преку кој бараат одговори, одговорност, и крај на институционалната тишина.

ФЗОМ информираше дека 12 повредени сè уште се лекуваат во државава, додека 7 се надвор, а СЗО и Црвениот крст прикажуваат суми на исплатена помош.

Но, болницата во Кочани, според опозицијата, и натаму работи со донации.

„Дури и физикалната терапија се врши на донирани маси“, велат од СДСМ, обвинувајќи за цинизам во односот кон жртвите и преживеаните.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни