Граѓанската иницијатива „Славиме без страв“ упати повик до сите 556 градови и општини во Хрватска да се откажат од финансирањето на новогодишните огномети, а предвидените средства да ги пренасочат за лекување и поддршка на деца и млади заболени од рак.
Иницијативата, покрената на 19 ноември од Роберт Страхиниќ од Карловац, има двојна цел – да им помогне на тешко болните деца и истовремено да ги заштити животните од стресот и стравот што ги предизвикува пиротехниката.
Организаторите сакаат првично да обезбедат финансиска помош за најмалку десет ученици и студенти кои се лекуваат од малигни заболувања. Средствата би биле наменети за лекување, рехабилитација и набавка на неопходни медицински помагала.
Од иницијативата нагласуваат дека не собираат донации, туку бараат локалните власти самостојно да одлучат за пренамена на буџетските средства и директно да ги насочат кон болниците и проверените здравствени програми.
Покрај откажувањето од огнометите, иницијаторите бараат и целосна забрана за употреба на забавна пиротехника во текот на целата година. Според нив, силните експлозии и светлосните ефекти предизвикуваат страв кај домашните миленици и дивите животни, но и кај луѓето чувствителни на ненадејна бучава.
Сепак, предлогот веќе наиде на противење. Градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ, категорично ја отфрли можноста градот да се откаже од традиционалниот новогодишен огномет, оценувајќи ја иницијативата како популистичка.
Тој нагласи дека Дубровник организира огномет за две значајни пригоди – отворањето на Дубровничките летни игри и дочекот на Новата година.
Франковиќ посочи дека градот годишно издвојува повеќе од еден милион евра за поддршка на Општата болница во Дубровник и дека организирањето празнични настани не треба да се спротивставува на помошта за најранливите категории граѓани.
Според него, локалната самоуправа може истовремено да обезбеди богата празнична програма и да продолжи со финансиската поддршка за здравствените установи.
За годинашниот Адвент во Дубровник се предвидени 1,1 милион евра, од кои 350.000 евра се обезбедени преку спонзорства. Програмата опфаќа 28 концерти, повеќе од сто бесплатни работилници и други празнични содржини.
Засега не е објавено колку точно ќе чини новогодишниот огномет во Дубровник, ниту колкава сума би можела да се пренасочи доколку градот ја прифати иницијативата.
Во меѓувреме, иницијаторите продолжуваат со повиците до локалните власти, надевајќи се дека дел од хрватските градови и општини ќе одлучат новогодишните прослави да ги одбележат без огномети, а заштедените средства да ги искористат за хуманитарни цели.