Народната банка ги демантира наводите во јавноста за трансфер на поголеми износи на финансиски средства во и кон Србија и Русија преку „Алта банка“ АД Битола, посочувајќи дека деталната анализа на податоците не покажала такви трансакции.
Од Народната банка информираат дека во текот на 2025 година, како и заклучно со октомври 2026 година, не се евидентирани трансфери на поголеми износи од овој тип.
Во однос на платниот промет со Србија, податоците покажуваат дека трансакциите на клиентите на „Алта банка“ се во незначителни износи, особено ако се има предвид вкупниот обем на платниот промет и редовното работење на банката.
Имено, во 2025 година приливите од Србија изнесувале 2,2 милиони евра, додека одливите кон оваа земја достигнале 5,3 милиони евра. Заклучно со октомври 2026 година, приливите изнесувале 6,2 милиони евра, а одливите 7,2 милиони евра.
Од Народната банка појаснуваат дека станува збор за трансакции поврзани со редовното работење на клиентите на банката.
Истовремено, во соопштението се наведува дека во анализираниот период не се евидентирани ниту приливи од Русија, ниту одливи кон оваа земја во платниот промет и билансот на „Алта банка“ АД Битола.