Македонија

Народната банка со нови мерки за поевтини и полесни плаќања во земјава и кон СЕПА

Народната банка со нови мерки за поевтини и полесни плаќања во земјава и кон СЕПА

Народната банка презема конкретни чекори за намалување и поедноставување на трошоците за извршување на плаќањата во земјата и со државите од СЕПА-зоната. На седницата на Советот одржана вчера, беше усвоен нов модел за тарифирање на банките во Македонскиот интербанкарски платен систем, кој се заснова на практиките на еврозонските централни банки. Со тоа, се отвора можност за намалување на надоместоците кои банките ги наплаќаат на клиентите за електронски плаќања.

Покрај тоа, Советот воведе фиксен надоместок за плаќањата на државните институции кон земјите од СЕПА – 3 евра по трансакција за електронски налози и 5 евра за хартиени налози. Со ваквите тарифи се очекува значителна заштеда за државата, во споредба со сегашните трошоци кои се варијабилни и зависат од износот на трансакцијата.

Овие одлуки се дел од процесот на усогласување со европските стандарди, како подготовка за приклучување на Македонија кон СЕПА. Целта е да се обезбедат пониски трошоци и подобри услуги за граѓаните и деловните субјекти, како и поволна средина за компаниите.

На истата седница, Советот го усвои и Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2025 година. Банкарскиот сектор останува стабилен, со солиден раст на кредитната и депозитната активност, и покрај забрзаната инфлација и надворешната неизвесност. Сепак, забележан е послаб раст на добивката на банките поради намалени каматни приходи. Народната банка најави дека ќе продолжи со претпазлива политика за да ја задржи стабилноста на системот.

Дополнително, беше усвоена и одлука за нов систем за собирање и обработка на податоци од банките и штедилниците – ИСИДОРА. Системот ќе овозможи поквалитетни податоци за монетарната статистика и супервизијата, со фазна примена и усогласување со европските и меѓународните стандарди.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни