Во живо Вонредна прес конференција Зборува губернерот Трајко Славески Гледај
Македонија

Народната банка воведе администрација во АЛТА банка Битола: Неделен лимит од 10.000 денари, се бара купувач за акциите

Народната банка воведе администрација во АЛТА банка Битола: Неделен лимит од 10.000 денари, се бара купувач за акциите

Народната банка воведе администрација во АЛТА банка АД Битола и привремени ограничувања за располагање со средствата на клиентите, по одземањето на дозволата за работа на нејзиниот акционер, АЛТА банка АД Белград. За физичките лица е определен неделен лимит за одлив од сметките од 10.000 денари, додека интерните плаќања меѓу клиентите во самата банка остануваат овозможени во неограничен износ.

Одлуката ја соопшти гувернерот Трајко Славески на вонредна прес-конференција, на која нагласи дека домашната банка има дозвола за работа, е висококапитализирана и ликвидна, а мерките се преземаат за заштита на нејзиниот имот и на интересите на штедачите.

Решението го донел Извршниот одбор на Народната банка на седница одржана на 1 ноември 2026 година и, според Славески, тоа веќе е во сила. Максималното времетраење на мерките е три месеци, но гувернерот очекува состојбата да се разреши порано преку продажба на акциите. Како што посочи, интерес веќе пројавиле четири до пет субјекти, иако нагласи дека информацијата за заинтересираните купувачи е неофицијална.

Славески објасни дека повод за интервенцијата се јавно достапните информации за одземањето на дозволата за работа на АЛТА банка АД Белград и за донесената одлука за исполнување на условите за поведување стечајна постапка во српската банка.

Според него, воведувањето администрација во банката во Битола е времена мерка, преземена исклучиво поради случувањата со акционерот со квалификувано учество.

„АЛТА банка АД Битола е висококапитализирана, ликвидна и со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди“, изјави Славески.

Со воведувањето администрација, управувањето со имотот на банката привремено преминува во надлежност на лица именувани од Народната банка. Тие ќе постапуваат во рамките на овластувањата што им ги определува Извршниот одбор.

Гувернерот наведе дека станува збор за тројца администратори од Народната банка, кои во следниот период ќе преземаат активности поврзани со работењето на банката, вклучително и приспособување на функционирањето на мрежата на филијали.

За клиентите, најнепосредна промена е ограничувањето на одливот од сметките. За физичките лица е определен лимит од 10.000 денари неделно, кој, според објаснувањето на Славески, може да се користи со картичките издадени од банката.

Одговарајќи на новинарско прашање, гувернерот прецизираше дека лимитот се однесува на календарска седмица, од понеделник до недела.

При определувањето на износот, Народната банка се раководела од приближно месечно ниво од 40.000 денари, земајќи ги предвид просечната плата и просечната пензија. Славески нагласи дека целта е да се овозможат секојдневните плаќања на граѓаните во периодот на важење на мерките.

Во одговорите на прашањата за практичната примена, тој објасни дека плаќањата со картичка, вклучително и во супермаркети, влегуваат во неделниот лимит. Плаќањата на обврските што клиентите ги имаат кон самата банка, според неговото појаснување, се надвор од тој лимит.

Истовремено, сите интерни плаќања меѓу сметките на клиентите во АЛТА банка Битола остануваат овозможени без ограничување на износот. Ова се однесува и на физичките и на правните лица.

Во врска со електронското и мобилното банкарство, Славески рече дека се работи на нивно овозможување во рамките на поставените ограничувања. Посочи дека тие нема да можат да бидат достапни веднаш од следниот ден, туку дека се настојува тоа да се обезбеди во некој од наредните денови.

Посебно беше отворено и прашањето за клиентите што имаат средства во банката, но немаат платежни картички. Гувернерот најави дека администраторите ќе направат соодветна организација на работењето на филијалите за да им се излезе во пресрет и на овие граѓани.

Славески повеќепати нагласи дека воведувањето администрација не го запира работењето на банката и дека таа продолжува да има дозвола за работа. Ограничувањата, според неговото образложение, се потребни за да се зачува имотот и да се заштитат интересите на штедачите додека се бара решение за сопственичката структура.

Воедно, ги повика кредитокорисниците да продолжат навремено да ги исполнуваат своите обврски кон банката.

На прес-конференцијата беше соопштено и дека до завршувањето на претходниот ден од банката биле повлечени околу два милиона евра, преку готовински исплати и други трансфери.

Гувернерот рече дека оваа информација била добиена на средба со Управниот одбор на АЛТА банка, на која биле врачени решенијата на Народната банка, а била потврдена и со сопствените информации на централната банка.

Тој потврди дека, во услови на неизвесност, имало повлекување средства од банкоматите и од шалтерите во текот на работното време.

Во одговорите се осврна и на привремената суспензија на работењето со картичките. Според неговото објаснување, таа била поврзана со повисокиот износ на повлекувања, а сервисот потоа бил повторно воспоставен во 12 часот напладне, по што граѓаните можеле да подигнуваат средства. За дополнителните повлекувања во текот на денот на прес-конференцијата рече дека во тој момент нема информација.

Славески ги отфрли и шпекулациите за приливи на средства од српската АЛТА банка во земјава во периодот на кризата во Белград.

Според сите расположливи информации со кои располага Народната банка, како што рече, од почетокот на кризата со белградската банка немало такви приливи во Македонија.

Гувернерот оцени дека шпекулациите за префрлање пари придонеле за нарушувањето на довербата во банката во Белград.

Во делот од одговорите за финансиската изложеност, Славески спомена обврска од приближно еден милион евра, за која оцени дека е незначителна во споредба со вкупната актива и со денарската и девизната ликвидност на домашната банка. Притоа се огради дека не може да го наведе точниот износ.

На прашањата за претходното одобрување на преземањето на банката во Битола, Славески одговори дека купувач на акциите била АЛТА банка АД Белград, која во тој момент имала важечка дозвола за работа и функционирала во финансискиот систем на Србија.

Според него, Народната банка ги проверила супервизорските стандарди и утврдила дека биле исполнети критериумите за одобрување на влезот на акционерот, односно за купување на акциите.

Во тој контекст, гувернерот се осврна и на претходно споменуваните информации поврзани со купување акции во банка во Австрија. Неговото објаснување беше дека станувало збор за надминување праг од 10 проценти при учество на АЛТА банка и друг субјект оценет како поврзан, а дека прашањето потоа било разрешувано преку продажба, односно пренос на акциите на другиот субјект.

За натамошното решение во Битола, Народната банка се насочува кон промена на акционерот. Славески соопшти дека на АЛТА банка АД Белград ѝ се одзема правото на глас во домашната банка, но правото на сопственост врз акциите останува.

Според најавата, акционерот треба да биде известен дека во определен рок треба да ги понуди акциите на продажба. Доколку тоа не го направи, постапката ќе ја спроведе Народната банка, со почитување на законските одредби и правата на акционерите.

Гувернерот рече дека целта е во што пократок рок да се најде купувач меѓу заинтересираните субјекти и банката да продолжи со работа без поголеми последици.

Тој не ги откри имињата на потенцијалните купувачи. Најавената продажба ја претстави како можност за побрзо разрешување на состојбата, додека рокот од три месеци го наведе како максимално времетраење на привремените мерки.

Славески посочи дека АЛТА банка Битола, според учеството во вкупната актива, не спаѓа во редот на системски значајните банки во земјава. Сепак, нагласи дека има големо значење од регионален аспект и дека Народната банка презема активности за да ги заштити нејзиниот имот и интересите на штедачите.

На крајот, гувернерот упати апел до сите учесници во јавната дебата да се воздржат од изјави што можат да создадат непотребна загриженост кај граѓаните.

„Секое хушкање на јавноста е штетно по довербата во банкарскиот систем“, порача Славески, додавајќи дека таквото однесување директно ги погодува штедачите, чии интереси, како што рече, се во центарот на преземените мерки.

Народната банка, според неговата најава, ќе продолжи да ја следи состојбата во АЛТА банка Битола и да презема активности во рамките на своите законски надлежности.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни