Наташа Поповиќ поднесе оставка од функцијата директор на НУ „Охридско лето“

Наташа Поповиќ до Министерството за култура и туризам поднесе неотповиклива оставка од директор НУ „Охридско лето“.

Во оставката Поповиќ навела дека ја поднесува поради лични причини. На оваа функција беше шест години.

Поповиќ пред оставката кажа дека е горда на сработеното, на квалитетната програма богата со бројни звучни имиња. Заблагодарувајќи се на вработените кажа дека е горда што имала прилика да работи со посветен и професионален тим кој се справува со сите предизвици.

-Посебно сум горда за високиот квалитет на програмата и успешните шест фестивалски изданија кои се позитивно оценети од стручната критика, од делегатите на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) кои  беа тука на свечените отварања на Фестивалот, но и од нашата верна публика. Ми беше огромна чест и задоволство да работам на оваа функција со еден прекрасен тим којшто многу ми помогна за да бидам успешен директор и менаџер, тим кој е за пример и почит, не само во Охрид, туку и пошироко во државата, но и со селекторките на музичката и на драмската програма на фестивалот, Бисера Чадловска и Сања Арсовска, вели Поповиќ.