Пред судницата денеска беше упатена остра реакција од Александар Наунов нагласувајќи дека случајот за трагедијата во „Пулс“ во која животот го загубија 63 деца и млади лица не може да се третира како обична несреќа.
Тој порача дека е „неверојатно лесно“ дел од адвокатите да бараат трагедијата да биде прогласена за несреќен случај, оценувајќи дека вистинската одговорност лежи во системски пропусти и институционално занемарување.
„Несреќа е кога природата ќе удри без предупредување. Но кога со години институции дозволуваат небезбеден објект да работи, кога се прифаќаат непополнети пријави, се користат стари согласности и се премолчуваат недостатоци, тогаш тоа не е несреќа, туку системско замижување“, изјави Наунов.
Тој додаде дека е „цинично“ тврдењето дека дел од обвинетите не знаеле зошто се наоѓаат пред судот, нагласувајќи дека, како што рече, „многу добро знаат“ бидејќи, според него, станува збор за последици од сериозни пропусти.
„Седат таму затоа што 63 деца и млади лица не седат повеќе никаде“, истакна тој.
Наунов оцени дека пожарот можеби бил предизвикан од искра, но дека, како што рече, системот бил тој што овозможил трагедијата да се случи.
Тој најави дека на следниот „Марш на ангелите“ јавно ќе биде прочитано обвинението против Шофкет Хазари, со цел јавноста да слушне, како што рече, „како изгледа кога корупцијата со години се потпишува, премолчува и прикрива, сè додека една општина не ја плати цената со животите на своите деца“.